На 24.10.2024 година, во свечената сала при Музејот на македонската борба за самостојност, во присуство на многубројни гости, беше прославена 30-годишнината од основањето на Македонското библиско здружение.

На свеченоста, пред присутните, со пригоден говор се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан; со промотивен говор – за новообјавените преводи на Новиот завет и на псалмите – се обрати Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент; како претставник од Обединетите библиски здруженија, пак, поздравно слово имаше г. Џорџ Сохос, а, на самиот крај, завршно, благодарствено обраќање имаше и генералниот секретар на Библиското здружение – проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.

Чествувањето беше проследено со музички изведби на разни инструменти, со поетско читање на псалми, како и со приказ на краток исечок од неодамна снимениот документарен филм за дејноста и за мисијата на Македонското библиско здружение.