КРАТОК ИСТОРИЈАТ
Иако библиското здружение во Македонија е основано во 1994 година, сепак неговите зачетоци датираат од многу порано. Имено, уште во 1918 година, по Првата светска војна, Британското и инострано библиско здружение (BFBS) отвора свое претставништво во Белград и, во наредните децении, ги покрива сите активности на библиските здруженија чиишто земји се дел од подоцнежната СФРЈ.
Во 1955 година, претставникот на Библиското здружение од Белград се обраќа до Ѓорѓи Милошев (подоцна Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Гаврил) со цел да се договорат деталите околу преводот на Новиот завет, кој, впрочем, е веќе започнат уште во 1949 година. Првиот превод на Новиот завет на македонски јазик е објавен во 1967 година, додека ревидираното издание е публикувано во 1975 година. Целосното издание на Светото писмо на македонски јазик, пак, се појавува дури во 1990 година.
Неколку години подоцна, со помош на Обединетите библиски здруженија (UBS), на 29 октомври 1993 година, се одржува основачкото собрание на Библиското здружение во Република Македонија, коешто во 2019 година е преименувано како Македонско библиско здружение. Библиското здружение официјално започнува со работа на 1 мај 1994 година и за генерален секретар на истото е избран м-р Петко Златески, професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во јуни 2020 година, пак, за нов генерален секретар е избран проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.
Преведувањето, печатењето и дистрибуирањето на Библијата се во фокусот на активностите на Македонското библиско здружение. Неговата главна задача е да направи Светото писмо да биде достапно за македонскиот народ на разбирлив – македонски јазик и, воедно, да им помогне на луѓето да ја разберат важноста на библиската порака во нивниот живот.
НАШАТА ДЕЈНОСТ
Превод на Светото писмо
Главната и основна дејност на Македонското библиско здружение е да го направи Светото писмо достапно до читателот на разбирлив јазик. Па така, со секое негово (ре)издание, Библиското здружение се грижи – во непосредна соработка со теолози и лингвисти – истото да биде преведено на современ македонски јазик.
Печатење на Светото писмо
Македонското библиско здружение се грижи и за печатењето на Светото писмо, а истовремено, се занимава со превод и со публикација и на други изданија (за деца и за возрасни), коишто се со библиска тематика.
Дистрибуирање на Светото писмо
Клучната иницијатива на Македонското библиско здружение е да го претстави Светото писмо и да го направи достапно (во печатена и во електронска форма) за секој читател.
Соработка со локалните цркви
Една од најбележитите одлики на Македонското библиско здружение е и професионалната соработка и заемната комуникација со претставници од сите локални Цркви во државата и надвор од неа.
Што велат нашите СОРАБОТНИЦИ за нас?
„…На сите оние кои се труделе, па и денес [се трудат] преку Библиското здружение во Македонија; на сите коишто ја посочуваат Светата Библија како потребно четиво, им посакувам да продолжат со таа света должност и дејност, зашто Библијата, тоа Четиво – упатено Писмо од Бога до човечкиот род – е потребно да го знаат, да го читаат и да живеат според него сите генерации: и младите, и возрасните. Посакувам оваа Книга – којашто е создавана цели четиринаесет столетија: тринаесет века пред Христа, па сѐ до крајот на првиот век по Христа – да продолжи да биде Книга над книгите и за нас, Македонците, и за Македонската православна црква и за сите кои го почитуваат тоа слово Божјо“.
“The representatives of the Macedonian Bible Society have a passion for God’s Word. We are grateful for their work as we strive to connect people with Jesus through His Word.”
„Средбата со претставници од Библиското здружение, на еден од нашите младински часови во Методистичката црква – Скопје, беше исклучително пријатна и позитивна, а нивната посветеност во поддржувањето и охрабрувањето на младите да читаат Библија и христијанска литература беше особено инспиративна. Нивната достапност и отвореност, пак, за средби со младите ни остави длабок впечаток и голема благодарност“.
„Како активен свештеник при МПЦ–ОА искажувам голема благодарност кон Македонското библиско здружение за досегашното правилно чување и ажурирање на библискиот (старозаветен и новозаветен) текст; за промовирање на Светото писмо помеѓу сите генерации, како и за поддршката кон многубројните проекти на Црквата, преку делење на примероци од изданијата со коишто располага“.
Работно време
Понеделник – петок
09:00 – 14:00